
Деветгодишно дете се здобило со тешки телесни повреди во сообраќајна несреќа што се случила вчера попладне во скопската општина Сарај, информира Министерството за внатрешни работи.
Според информациите од МВР, несреќата била пријавена на 28 јули околу 14:30 часот во СВР Скопје. На крстосница од сервисна улица и регионалниот пат Скопје–Тетово дошло до судир помеѓу патничко возило „Форд“ со скопски регистарски ознаки, управувано од 67-годишниот С.С. од селото Арнакија, и електричен тротинет управуван од деветгодишно дете, исто така од Арнакија.
Во несреќата детето се здобило со тешки телесни повреди, кои биле констатирани во Ургентниот центар при Комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје.
Увид на местото на несреќата извршила увидна екипа на СВР Скопје, а надлежните институции преземаат мерки за целосно расчистување на околностите под кои се случила сообраќајната несреќа.

















