УТРО.мк

Финансиската полиција во акција: Милиони префрлани преку фиктивна фактура

Финансиската полиција во акција: Милиони префрлани преку фиктивна фактура
Vero

Пет лица и две компании се опфатени со кривична пријава што Управата за финансиска полиција ја поднела до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, поради сомневања за перење пари, измама, фалсификување или уништување деловни книги и даночно затајување.

Според Финансиската полиција, првопријавениот Д.К., како сопственик на скопско правно лице, во 2022 година склучил договор со компанија од Словенија за купопродажба на железнички пруги во вредност од 21.667.680 денари.

Словенечката компанија, според наводите во кривичната пријава, уплатила аванс од 283.310 евра, односно 17.423.564 денари. Стоката, како што се сомнева Финансиската полиција, не била испорачана, а уплатените средства не биле вратени, со што била предизвикана материјална штета во наведениот износ.

Потоа, со цел да се прикрие потеклото и локацијата на парите, Д.К. заедно со Ф.Н., кој бил управител и овластен потписник на сметката на скопската компанија, потпишале налог за трансфер на 16.762.410 денари кон фирма од Штип.

Парите биле префрлени врз основа на фиктивна фактура за наводна набавка на пилешки нозе, по што преку фиктивен договор за цесија средствата биле префрлени на сметката на Х.Р., се наведува во пријавата.

Ф.М., која била овластен сметководител, според сомневањата, не ја евидентирала Х.Р. како нов доверител, додека трансакциите дополнително биле прикривани преку сметководствените евиденции. Средствата биле заведени како негативни книжења на картичката на купувачот, а трансакциите не биле прикажани ниту во Даночниот биланс за 2022 година.

Во случајот, според Финансиската полиција, била вклучена и Д.М., овластен потписник на сметката на штипското правно лице. Таа, непосредно по уплатата по фиктивната фактура, реализирала електронски налог со кој средствата биле префрлени на сметката на Х.Р.

Оттаму, Д.К., како овластено лице, парите ги конвертирал во странска валута, по што дел од средствата биле подигнати во готово, а дел биле искористени за купување возило.

Дополнително, Финансиската полиција се сомнева дека Ф.Н., како управител на скопската компанија, во 2022 година не го уплатил персоналниот данок на доход во износ од 1.885.370 денари за исплатените средства кон Х.Р.

Х.Р., пак, според наводите во пријавата, не го пријавила остварениот приход во годишната даночна пријава за персонален данок на доход за 2022 година.

Од Управата за финансиска полиција соопштија дека кривичната пријава е поднесена поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела.

Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран
MegaWin
MegaWin