
Косовски државјанин се соочува со кривична пријава откако се обидел да избега од царинска контрола на граничниот премин Блаце, при што повредил царински службеник. Против него е поднесена пријава за неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори, како и за спречување службено лице во вршење службено дејствие.
Според информациите од Царинската управа, инцидентот се случил на 15 јули во вечерните часови. При редовна контрола, двајца царински службеници го запреле возилото и побарале од возачот да го отвори багажникот. Кога еден од нив забележал сомнителна кеса под совозачкото седиште и се обидел да ја провери, осомничениот ненадејно влегол во автомобилот и со голема брзина го напуштил граничниот премин.
Во обидот да избега, возилото повлекло еден од цариниците, кој се здобил со лесни телесни повреди. Веднаш била известена граничната полиција, по што била организирана потера. Осомничениот бил запрен и лишен од слобода по околу десет минути, откако неговото движење било блокирано.
Во текот на бегството, осомничениот исфрлил кеса со наркотична дрога, која подоцна била пронајдена во близина на местото на приведувањето. По извршеното вештачење, било утврдено дека станува збор за околу еден килограм марихуана. При претресот кај него било пронајдено и ладно оружје.

















