
Во скопската населба Топанско Поле вчера напладне се случила сообраќајна несреќа во која автомобил удрил во двајца пешаци, при што едно лице се здобило со тешки повреди.
Инцидентот се одиграл околу 12:50 часот на крстосницата меѓу улиците „Македонско-косовска бригада“ и „Аугуст Цесарец“, кога патничко возило „фолксваген голф“ со скопски регистарски ознаки, управувано од 51-годишниот Д.И. од Скопје, удрило во 57-годишната Ф.С. и 27-годишниот А.Т., двајцата исто така од Скопје.
Според информациите од полицијата, во несреќата Ф.С. се здобила со тешки телесни повреди, додека кај А.Т. се констатирани полесни повреди. И двајцата веднаш по незгодата биле пренесени во Ургентниот центар при Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, каде им била укажана лекарска помош.
На местото на настанот интервенирала увидна екипа од СВР Скопје, која извршила детално испитување на околностите под кои дошло до несреќата.
















