Десетици граѓани и полицајци се повредени во масовни пресметки помеѓу демонстранти и приврзаници на власта во Нови Сад, Белград и уште десетина градови низ Србија.
Најтешкиот инцидент се случил во Нови Сад, каде што група „блокадери“ го опколила штабот на владејачката Српска напредна странка (СНС). Маскирани хулигани врз нив фрлале факели и петарди, по што избил општ хаос. Штабот бил целосно уништен. Според претседателот Александар Вучиќ, повредени се 16 полицајци и 60 граѓани. „Тие буквално пливаа во крв“, изјави Вучиќ.
Во Белград полицијата и жандармеријата употребиле солзавец за да ги спречат демонстрантите кои се упатиле кон кампот на лојалистите на Вучиќ. Демонстрации имало и во Краљево, каде полицијата спречила директни судири на двете групи, како и во Ниш, Чачак и Крагуевац, без пријавени повредени.
Опозицијата ги осуди насилствата и ја обвини полицијата дека била пасивна кон маскираните групи што ги напаѓале и провоцирале демонстрантите. Од СНС возвратија дека протестите се обид на опозицијата и „странски центри на моќ“ да ја дестабилизираат државата. Вучиќ истакна дека нема да ја ангажира војската и отфрли можност за граѓанска војна.