
Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ интервенирал во Брисел, по што од нацрт-заклучоците на Европскиот совет биле отстранети временските одредници за завршување на пристапните преговори на Црна Гора со Европската Унија, објави хрватскиот портал „Индекс“.
Според хрватските медиуми, избришано е повикувањето на привремено затворање на сите преговарачки поглавја до крајот на 2026 година, како и формулацијата за што поскоро финализирање на договорот за пристапување.
Во првичниот нацрт била поздравена работата на подготовката на пристапниот договор и била наведена намерата на претседателството со Советот да се постигне договор за затворање на поглавјата до крајот на годината, под услов Подгорица да ги спроведе неопходните реформи.
Пленковиќ ги запознал европските лидери со осумте барања на Загреб, чие исполнување Хрватска го поставува како услов за поддршка на завршувањето на преговорите.
Тој истакнал дека Хрватска има конструктивен и добронамерен пристап кон европската интеграција на Црна Гора, но очекува решавање на билатералните прашања што со години остануваат отворени.
Загреб претходно неделава доставил документ со своите позиции до земјите членки и до кабинетите на претседателите на Европската комисија и на Европскиот совет. Шест од барањата се поврзани со Поглавјето 23 – правосудство и основни права, а две со Поглавјето 31 – надворешна, безбедносна и одбранбена политика.
Меѓу отворените прашања се положбата на хрватското малцинство, сопственоста на школскиот брод „Јадран“, обесштетувањето на поранешните затвореници од логорот Морињ, одговорноста за воените злосторства и граничните прашања, вклучително и спорот околу Превлака.
Отстранувањето на роковите од нацрт-заклучоците не значи формално запирање на преговорите, но претставува промена во предложената политичка поддршка за нивно завршување до крајот на годината.























