
„Фолксваген групацијата“ ја разгледува иднината на шпанскиот бренд „Сеат“, а меѓу можните сценарија е и негово постепено гасење. Сепак, конечна одлука засега нема, изјавил директорот на „Сеат“ и „Купра“, Маркус Хаупт, во интервју за британскиот магазин „Аутокар“.
Медиумот претходно објави дека имал увид во документи според кои брендот би можел да биде укинат до 2029 година. Хаупт потврдил дека се разгледуваат различни опции, но не навел рок за донесување одлука.
Според него, сопствениците на автомобили „Сеат“ немаат причина за паника. Тој посочил дека и при евентуално укинување на брендот, на клиентите би им била обезбедена сервисна поддршка во траење од 15 години.
И покрај неизвесноста, компанијата продолжува да инвестира во постојните модели. За 2027 година се најавени благи хибридни погонски системи за „Ибица“ и „Арона“. Хаупт го навел тоа како показател дека „Сеат“ и натаму има улога во групацијата.
Истовремено, „Купра“, која произлезе од „Сеат“ и се разви во самостоен бренд, бележи посилни продажни резултати. Во 2025 година продала 328.800 автомобили, раст од 32,5 отсто, додека продажбата на „Сеат“ се намалила за 17 отсто, на 257.400 возила. Со тоа, „Купра“ првпат го надминала „Сеат“ според годишната продажба.
Во третиот квартал од 2026 година, двата бренда заедно испорачале 133.700 автомобили, што е намалување од 2,3 отсто во споредба со истиот период лани.
Хаупт истакнал дека иднината на „Сеат“ ќе зависи и од европските правила за емисиите на јаглерод диоксид, темпото на преминување кон електрични возила и побарувачката на купувачите. Построгите барања од 2030 година и евентуалната флексибилност во регулативите ќе влијаат врз конечната одлука.























