
Српските власти преземаат превентивни мерки поради исклучително ниското ниво на реката Дунав, предизвикано од долг период на високи температури и суша. Во делови од Автономната покраина Војводина е прогласена вонредна состојба, со цел навремено спречување на можни проблеми со водоснабдувањето и економските активности.
Премиерот на Србија, Ѓуро Мацут, по седницата на кризниот штаб посветена на состојбата со Дунав, изјави дека надлежните служби интензивно работат на терен за да се обезбеди стабилно функционирање на водните системи.
„Во тек е отстранување на подводните насипи за да се овозможи пренасочување на водата кон пумпните станици и полнење на каналите во системот Дунав-Тиса-Дунав, како и во останатите системи за водоснабдување“, рече Мацут.
Тој посочи дека состојбата се следи на целиот тек на Дунав низ Србија, а мерките се координираат со Министерството за економија и другите надлежни институции.
Според српскиот премиер, во моментов нема директна опасност, но мерките се преземаат превентивно за да се избегнат можни нарушувања во текот на летниот период.
„Сè што правиме е навремена подготовка и спречување на можни проблеми. Во овој момент системот е стабилен и безбеден“, изјави Мацут.
Екстремните временски услови во регионот веќе предизвикаа намалување на водостоите на повеќе реки, што претставува предизвик за земјоделството, енергетиката и речниот транспорт.

















