
Во Црна Гора избувнаа протести откако Владата донесе одлука за намалување на територијата на Општина Тузи, општина во која мнозинството од населението го сочинуваат Албанци. Демонстрантите излегоа на улиците изразувајќи незадоволство од владината одлука, оценувајќи дека таа директно ги засега правата и интересите на албанската заедница.
За време на протестот беа истакнати албански национални знамиња и транспаренти, а учесниците порачаа дека нема да прифатат промени со кои, според нив, се намалува територијата на историскиот регион Малесија.
„Владата нема право да ја намалува територијата на албанскиот регион Малесија“, порачаа демонстрантите, барајќи итно повлекување на спорната одлука.
Протестот поминал без поголеми инциденти, но ситуацијата останува чувствителна бидејќи прашањето за административните граници на Општина Тузи предизвика силни политички реакции и незадоволство кај дел од албанската заедница во Црна Гора.
Засега нема официјална реакција од црногорската Влада во врска со барањата на демонстрантите, а се очекува во наредните денови темата дополнително да ја заостри политичката дебата во земјата.

















