
Уставниот суд на Црна Гора донесе одлука со која го укина членот 35-а од Законот за внатрешна трговија, со кој беше регулирана забраната за работа на продавниците во недела и на државни и други празници.
Според образложението на Судот, оваа законска одредба ја нарушувала слободата на претприемништво загарантирана со Уставот, како и начелото на еднаквост на сите субјекти пред законот. Судот оцени дека со дозволувањето одредени дејности да работат, а други да бидат забранети, трговците биле ставени во нееднаква и неправедна положба на пазарот.
Во соопштението се наведува дека нема објективно и разумно оправдување за ваквата разлика, особено ако се земе предвид уставната обврска на државата да обезбеди еднакви услови за сите претприемачи. Како пример се посочуваат дејностите на кои им било дозволено да работат, како аптеки, пекари, бензински пумпи и други, додека останатите трговци биле ограничени.
Забраната за тргување во недела и на празници ќе остане на сила сè до објавувањето на одлуката на Уставниот суд во Службен весник на Црна Гора.



























