
Шеснаесетгодишниот тинејџер од Белград почина во болница, откако лекарите повеќе денови се бореа за неговиот живот по тешките повреди што ги здобил на 7 јануари, потврдија српските здравствени власти.
Претходно, во семејниот дом во белградската населба Звездара, младиот човек ги застрелал својата баба и дедо, кои со тешки повреди биле пренесени во болница и се наоѓаат на интензивно лекување.Лекарските екипи и понатаму вложуваат напори за нивно стабилизирање.
Според информации објавени во српските медиуми, инцидентот се случил по семејна расправија поврзана со финансиски спор. Наводно, тинејџерот побарал парични средства за кои верувал дека му припаѓаат на неговиот татко, по што дошло до трагичниот настан. Овие информации се предмет на официјална истрага и засега не се целосно потврдени од обвинителството.
По настанот, тинејџерот бил хоспитализиран во критична состојба со тешка, самопредизвикана повреда, а и покрај лекарските напори, подлегнал на повредите неколку дена подоцна.
Во меѓувреме, неговиот татко е лишен од слобода и обвинет за занемарување и злоупотреба на малолетно лице, додека истражните органи продолжуваат да ги утврдуваат сите околности што довеле до оваа семејна трагедија.



























