
Основниот суд во Никшиќ донесе одлука за прифаќање на гаранција од пет милиони евра, со што Ацо Ѓукановиќ ќе биде ослободен од притвор, потврдија од неговиот правен тим.
Одлуката ја донел судијата Сава Мушикиќ, кој истовремено изрекол и мерки на надзор – забрана за напуштање на местото на живеење и одземање на патната исправа. Ослободувањето ќе стапи во сила откако решението ќе стане правосилно.
Одбраната на Ѓукановиќ изрази незадоволство од дел од изречените мерки, оценувајќи дека тие се непропорционални со оглед на висината на кауцијата и природата на делото за кое се товари.
Ацо Ѓукановиќ беше приведен на 28 февруари по претрес во семејната куќа во населбата Растоци во Никшиќ. Според Основното државно обвинителство во Никшиќ, тој е осомничен за недозволено поседување оружје и експлозивни материи, а притворот му беше одреден поради опасност од бегство.























