
Србија денеска одбележува три години од една од најтешките трагедии во својата понова историја, со комеморации и симболични гестови во чест на жртвите од масакрот во основното училиште „Владислав Рибникар“ во Белград. Точно во 8:41 часот, дел од телевизиите ја прекинаа програмата и емитуваа порака за сеќавање, проследена со едноминутен молк.
На екраните беше истакнато дека 3 и 4 мај се денови на сеќавање, посветени на десетте жртви кои трагично ги загубија животите на 3 мај 2023 година, кога нивниот соученик, тогаш 13-годишниот Коста Кецмановиќ, изврши вооружен напад во училиштето.
Во текот на денот, во Белград се организирани повеќе комеморативни настани и активности, со цел да се оддаде почит на жртвите и да се потсети на трагедијата која засекогаш ги промени животите на нивните семејства.
Утрото на 3 мај 2023 година започнало како обичен училишен ден, по првомајските празници. Родителите ги испратиле своите деца на училиште, не насетувајќи дека за неколку часа ќе добијат најтешни вести.
Според истрагата, ученик од седмо одделение отворил оган со пиштол земен од семејниот дом, регистриран на неговиот татко. Во нападот беа убиени девет ученици и училишниот обезбедувач Драган Влаховиќ, кој се обидел да го запре напаѓачот. Повредени биле уште пет ученици и наставник по историја.
Меѓу загинатите се Ана Божовиќ, Бојана Асовиќ, Софија Негиќ, Ема Кобиљски, Мара Анѓелковиќ, Ангелина Аќимовиќ, Адријана Дукиќ, Катарина Мартиновиќ и Андрија Чикиќ.
Податоците покажаа дека напаѓачот го планирал нападот со недели, носејќи со себе 92 куршуми и испукувајќи десетици за време на злосторството. Во своите изјави посочил дека цел биле ученици од неговото одделение, што дополнително ја шокираше јавноста поради степенот на ладнокрвност.
И покрај деталите што излегоа во јавноста, мотивот за нападот и натаму не е целосно разјаснет.
Случајот отвори сериозни прашања во српското општество, вклучително и за безбедноста во училиштата, достапноста на оружје и насилството меѓу младите. По трагедијата беа воведени нови безбедносни мерки и протоколи, како и засилени контроли и превентивни активности.
Во правниот дел од случајот, родителите на напаѓачот, Владимир и Милјана Кецмановиќ, првично беа осудени на вкупно 17 и пол години затвор – таткото на 14 и пол, а мајката на три години. Сепак, Апелациониот суд ја поништи пресудата и постапката ја врати на повторно судење, кое сè уште е во тек.























