Србија се соочува со сериозна енергетска неизвесност по најавите дека Бугарија нема да дозволи проток на руски гас преку гасоводот „Балкански поток“. Српската министерка за рударство и енергетика, Дубравка Ѓедовиќ Хандановиќ, изјави дека ситуацијата е „речиси безнадежна“ и дека Србија ќе биде директно погодена од одлуката на Софија.
„Суштината е дека Бугарија нема да дозволи проток на руски гас, што ќе и наштети и на Србија. Се надеваме дека ќе најдеме решение и правиме се што е во наша моќ, но ситуацијата е речиси безизлезна, имајќи ја предвид моменталната состојба во врска со српската нафтена индустрија“, наведе Ѓедовиќ Хандановиќ во писмена изјава.
Таа додаде дека Србија, иако не е дел од конфликтите што ја предизвикале оваа енергетска криза, сепак „е погодена без никаква вина“.
Советот на ЕУ подготвува регулатива со која од 1 јануари ќе се забрани транзитот на руски гас кон трети земји, а конечниот текст ќе биде усвоен по консултациите меѓу Европскиот парламент и Претседателството на Советот. Според предлогот, нови договори за увоз на руски гас нема да може да се склучуваат по почетокот на 2025 година, а постојните ќе мора да бидат раскинати најдоцна до крајот на 2027 година.
Претседателката на српскиот парламент, Ана Брнабиќ, изјави дека ова е „катастрофална вест за Србија“ и додаде дека се надева дека претседателот Александар Вучиќ ќе најде решение за да се избегне енергетски колапс.