Јетмир Муји, снимател на косовскиот портал „Папараци“, беше привремено уапсен во Приштина поради снимање репортажа за образованието на ќерките на косовската претседателка Вјоса Османи. Муји бил запрен од обезбедувањето на претседателката, му била одземена камерата и му било побарано да ја избрише снимката. По кратко време бил ослободен.
Здружението на новинари на Косово (AGK) изрази загриженост поради апсењето и го оцени како произволно и незаконско, нагласувајќи дека тоа претставува напад врз слободата на медиумите и правото на граѓаните на информации.
Османи преку Фејсбук истакна дека апсењето е резултат на „континуиран, незаконски и опасен прогон“ што одредени медиуми го спроведуваат врз нејзините деца. Таа нагласи дека снимките биле направени без дозвола и ја загрозуваат безбедноста на нејзините ќерки, кои според закон се во категорија со висок ризик.
„Во која демократска земја разоткривањето и загрозувањето на животите на децата се смета за слобода на изразување? Во ниедна“, порача Османи и додаде дека ќе преземе сите законски мерки за заштита на своите деца.