Силна бура проследена со обилни врнежи од дожд, бурен ветер и град го погоди западниот дел на Словенија, движeјќи се кон источниот дел од земјата. Веќе се пријавени значителни штети, а повеќе од 6.000 корисници на „Електро Љубљана“ останаа без електрична енергија.
Агенцијата за животна средина издаде портокалово метео-предупредување за поголемиот дел од земјата, предупредувајќи на опасни временски услови. Најсилно погодени беа Бовец и Кобарид, каде бурата попладнево предизвика штети на имоти и инфраструктура. Бурата потоа се прошири кон Крањ, Камник и главниот град Љубљана.
Во Љубљана, краткотраен пороен дожд и силни ветрови оштетија комерцијални објекти и кршеа гранки и дрвја. Паднати дрвја го отежнаа сообраќајот на автопатите кон Долењска и Приморска, како и на јужната и западната обиколница на градот. Надлежните повикаа на внимателно возење и прилагодување кон временските услови.
Бурниот систем продолжува да се движи кон областа Штаерска, но според метеоролозите, се очекува негово слабеење во текот на вечерта. Според прогнозите, стабилизација на времето се очекува по 21 часот.