
Земјотрес со јачина од 3,8 степени според Рихтеровата скала ноќеска ја погоди југоисточна Босна и Херцеговина, предизвикувајќи вознемиреност кај жителите во поширокиот регион.
Според податоците на сеизмолошките служби, потресот бил регистриран кратко по полноќ, а епицентарот се наоѓал на околу 11 километри северозападно од Требиње и 72 километри југоисточно од Мостар, на длабочина од 10 километри.
Поради близината на епицентарот до границите, тресењето било почувствувано не само во источна Херцеговина, туку и во делови од јужна Хрватска и Црна Гора. Граѓани од повеќе населени места на социјалните мрежи пријавија дека почувствувале силно нишање и краткотрајно тресење на објектите.
Европско-медитеранскиот сеизмолошки центар (EMSC) веднаш по потресот објави автоматско предупредување за можен земјотрес во регионот, по што следуваше и потврда на прелиминарните податоци.
Засега нема информации за материјална штета или повредени лица, а надлежните служби ја следат состојбата на терен.
Иако земјотресот не бил со голема магнитуда, жителите на погоденото подрачје сведочат дека потресот бил јасно почувствуван поради релативно малата длабочина на епицентарот.















