
Проблемот со неконтролираното движење на добиток во Крива Паланка доби нова, меѓудржавна димензија, откако шест волови ја преминале границата кај Ѓуешево и завршиле на територија на Бугарија.
Според информациите, животните биле заловени од бугарските власти и сместени во привремен објект, а за случајот се води координација меѓу институциите од двете држави. Регионална комисија треба да одлучи што понатаму со нив.
Овој инцидент доаѓа само неколку недели по серијата проблеми со слободно движење на крави во регионот, кои со години предизвикуваат штети на ниви, дворови и претставуваат ризик за сообраќајот.
Жителите веќе подолго време алармираат дека проблемот не се решава, а случајот со воловите покажува дека ситуацијата излегува од локални рамки и станува и граничен проблем.
Покрај материјалните штети, ваквите случаи отвораат и сериозни административни и ветеринарни прашања, бидејќи прекуграничното движење на добиток подразбира строги контроли и одговорност.























