Русија продолжува да претставува дестабилизирачка сила и закана за безбедноста на Бугарија и Европа, изјави заменичката генерална секретарка на НАТО и поранешна македонска министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, на предавање во Централниот воен клуб во Софија, организирано од Атлантскиот клуб на Бугарија и Здружението на атлантски резервни офицери.
Шекеринска посочи дека, поради стратешката локација на Бугарија покрај Црното Море, Русија претставува „најнепосредна и долгорочна закана“. Таа истакна дека нападите врз цивилна инфраструктура во Украина, вклучувајќи над 800 беспилотни летала пред два дена, ја покажуваат недоволната посветеност на Кремљ кон мирот.
Таа ја нагласи важноста на учеството на бугарските војници во мировни мисии на НАТО и потенцираше дека Алијансата се обврзува да ѝ обезбеди на Украина сè што ѝ е потребно за одбрана и одвраќање на идната руска агресија.
Шекеринска го поздрави напорот на Бугарија да почне да троши 5% од БДП за одбрана и нагласи дека декларациите на самитите на НАТО не се доволни, туку се потребни конкретни инвестиции во воените индустрии на земјите-членки за да се обезбеди долгорочна безбедност.
„Без разлика како ќе заврши војната, Русија ќе остане закана за НАТО, па затоа мораме да инвестираме и да трошиме повеќе за нашата одбрана“, порача Шекеринска, честитајќи им на Бугарите за нивните напори за модернизација на армијата.