Министерката за одбрана Шеќеринска истакна дека НАТО е целосно посветен на суверенитетот и територијалниот интегритет на Босна и Херцеговина и нема да дозволи нејзина дестабилизација.
„Без оглед на исходот од претстојната седница на Советот за безбедност на ОН, НАТО нема да дозволи безбедносен вакуум во БиХ,“ рече Шеќеринска.
Изјавата следи по претходните најави на српскиот лидер Милорад Додик, кој изјави дека ќе побара од Москва да се стави вето на продолжувањето на мандатот на воената мисија на ЕУФОР во БиХ.
Воената мисија АЛТЕА на европските сили ЕУФОР се одобрува на секои шест месеци во Советот за безбедност на ОН. НАТО, од своја страна, навести дека во случај на непродолжување на мандатот на ЕУФОР постои можност за враќање на НАТО сили во БиХ, со цел да се зачува стабилноста и безбедноста во регионот.