Бугарскиот претседател Румен Радев јасно стави до знаење дека европската перспектива на Македонија е директно условена од вградувањето на Бугарите во нејзиниот Устав. Овој став, кој Софија го повторува континуирано, беше нагласен на средба со претставници на здруженијата на бугарската заедница од неколку македонски градови.
Радев оцени дека финализирањето на уставните измени „што е можно поскоро“ е клучно за забрзување на патот на Македонија кон Европската Унија и за избегнување на нови одлагања во преговарачкиот процес.
„Европската интеграција на Македонија е желба на сите, но не може да се случи по цена на правата на бугарската заедница“, изјави Радев.
Шефот на бугарската држава потенцираше дека секоја демократска држава има обврска да ги гарантира правата на самоопределување и еднаквоста на сите свои граѓани. Со ова, тој го потврди ставот дека статусот и заштитата на граѓаните кои се идентификуваат како Бугари ќе бидат клучен критериум преку кој Софија ќе го мери напредокот на Македонија.
Претседателот Радев потсети на таканаречениот „европски компромис“ од 2022 година, кога Македонија го прифати пакетот заклучоци и билатералниот протокол со Бугарија како рамка за отворање на пристапните преговори. Внесувањето на Бугарите во Преамбулата на Уставот е поставен како неопходен услов за премин во следната фаза од преговарачкиот процес – отворање на нови кластери и поглавја.



























