Хрватската полиција уапси едно лице под сомнение дека стои зад нарачката на бруталното двојно убиство што се случи на 13 јуни во загрепската населба Маркушевац, каде животот го загубија Андреа К. (30) и нејзиниот партнер Маријан Ц.
Како што објави „Јутарњи лист“, уапсениот е Андреј Б., поранешен сопруг на убиената Андреа. Според полициски извори, тој се сомничи дека го организирал убиството од одмазда и лични мотиви.
Од почетокот на истрагата, истражителите се сомневале дека станува збор за нарачано дело, со оглед на тоа што не биле утврдени никакви лични, деловни или емотивни врски меѓу сторителите и жртвите. Единствената заедничка точка била токму Андреј Б., кој, како што се дознава, бил во пријателски односи со еден од осомничените убијци.
Според сознанијата на порталот „Индекс“, кратко пред убиствата, осомничениот нарачател бил виден на заедничка вечера со сторителите, што дополнително го зајакнало сомнежот на истражителите.
Како што неофицијално дознава истиот портал, Андреј Б. наводно ја обвинил Андреа дека не му дозволува да го гледа нивното дете. Токму тоа можело да биде главниот мотив за злосторот. Податоците упатуваат на тоа дека извесен Матја М. побарал од Франо Р. да му помогне во ликвидацијата на Андреа К., наводно на барање на нејзиниот поранешен сопруг.
Истрагата продолжува, а хрватската јавност со внимание го следи овој шокантен случај кој го потресе Загреб.