
Името на поранешен советник на експремиерот Зоран Заев за локална самоуправа, се појавува во обвинителните материјали во Косово против политичкиот аналитичар Фатмир Шехоли, кој е обвинет за шпионажа и уцена.
Специјалното обвинителство на Косово на 25 август поднесе обвинение против Шехоли, тврдејќи дека бил регрутиран од српската Безбедносно-информативна агенција – БИА и дека собирал и пренесувал информации за политичките активности, безбедносната состојба и функционирањето на институциите во Косово.
Според делови од обвинението што ги објавија косовските медиуми, на 20 и 21 декември 2024 година Шехоли комуницирал преку WhatsApp со советникот, при што се разговарало за организирање средба со Бојан Димиќ, кого косовските истражители го идентификуваат како службеник на БИА.
Според обвинението, Шехоли на 5 август 2025 година на овој контакт испратил документ означен како „Top Secret 2“.
Шехоли обвинет за шпионажа и уцена
Според Специјалното обвинителство на Косово, Шехоли до неговото апсење во октомври 2025 година наводно дејствувал по задачи на службеници на БИА и собирал информации и документи од интерес за српската разузнавачка служба.
Покрај шпионажа, тој е обвинет и за уцена на лице од Косово, од кое, според обвинението, барал повеќе од 13.000 евра.
Предметот е пред Основниот суд во Приштина, а првото рочиште е закажано за 7 септември.

















