Меѓународна полициска акција, спроведена од српското Министерство за внатрешни работи (УКП и СБПОК) во координација со обвинителствата во Белград и Виена, резултираше со разбивање на организирана криминална група која со години се занимавала со производство и дистрибуција на марихуана низ Европа.
Апсењата се извршени истовремено во Србија, Австрија и Шпанија. На територијата на Белград и Бор е уапсен осомничениот организатор А.П. (39) од Белград, заедно со членовите М.Ѓ. (49) и Б.С. (35) од Бор. Коорганизаторот Д.С. (45) е приведен во Шпанија, на аеродромот во Мадрид.
Во Австрија, полицијата уапси уште четворица членови на групата, сите од Бор: С.М. (40), С.С. (52), Б.Р. (51) и М.Т. (35).
При претресите во Виена биле откриени три целосно опремени лаборатории за одгледување марихуана во вештачки услови, со илјадници растенија во различни фази на раст. Запленети се и 75 килограми сува марихуана подготвена за продажба, како и поголема сума пари, скапи часовници и луксузни возила.
Според истрагата, А.П. и Д.С. раководеле со криминалната мрежа која дистрибуирала марихуана на пазарите во Србија, Австрија и Северна Македонија. Пониско рангирани членови биле испраќани во Австрија, каде што со логистичка поддршка од М.Ѓ. и Б.С. биле изнајмувани објекти и воспоставувани лаборатории, а новите членови биле обучувани за одгледување на дрогата.
Осомничените уапсени во Србија се задржани до 48 часа и ќе бидат изведени пред Вишото јавно обвинителство во Белград, со кривични пријави за неовластено производство и ставање во промет на наркотични дроги.



























