
Околу 19.000 домаќинства во североисточниот дел на Словенија останаа без електрична енергија поради дефекти на мрежата предизвикани од обилните снежни врнежи што почнаа вчера, известува РТВ Словенија.
Екипи од целата земја се на терен за да ги отстранат проблемите со снабдувањето, а словенечкиот премиер Роберт Голоб денеска ќе го посети Марибор за да се сретне со претставници на компанијата Електро Марибор и на цивилната заштита, со цел да ја проценат ситуацијата на терен.
Вчерашното невреме предизвика прекин на електричната енергија за околу 40.000 домаќинства снабдувани од Електро Марибор и околу 8.000 домаќинства од Електро Целје. Се очекува 19.000 домаќинства што моментално немаат струја да останат без електрична енергија и во наредните денови.























