
Обвинителството на Федерацијата Босна и Херцеговина подигна обвинение против премиерот Нермин Никшиќ, министерот за внатрешни работи Рамо Исак и уште пет лица во предметот познат како „Спенгавање“, објави Н1.
На обвинетите им се ставаат на товар кривични дела поврзани со здружување за вршење кривични дела, злоупотреба на службената положба и тргување со влијание. Обвинението е доставено до Посебниот оддел на Врховниот суд на Федерацијата БиХ, кој треба да одлучи дали ќе го потврди.
Покрај Никшиќ и Исак, опфатени се поранешниот директор на Федералната управа на полицијата Вахидин Муњиќ, полицискиот службеник Мухамед Охрановиќ, шефицата на кабинетот на премиерот Аријана Хусеиновиќ Ајановиќ, како и Ервин Мушиновиќ и Мирела Бубало.
Обвинението го поднел специјалниот оддел на Федералното обвинителство за борба против организираниот криминал и корупцијата, по повеќемесечна истрага.
Сомневања за незаконско продолжување на овластувањата
Според обвинението, во периодот од април 2023 до август 2024 година биле преземани активности за повеќекратно продолжување на овластувањата на Муњиќ за раководење со Федералната управа на полицијата, спротивно на законските прописи.
На Никшиќ и Исак им се става на товар дека ги користеле своите службени позиции за предлагање, донесување и потпишување владини решенија со кои на Муњиќ му било овозможено да продолжи да раководи со полицијата.
Обвинителството наведува и сомневања за посредување при именување роднина на Муњиќ на раководна позиција во државната компанија „БХ Пошта“, како и за влијание врз вработувања и унапредувања во полициските структури.
Со предметот се опфатени и сомневања за неовластено доставување доверливи информации поврзани со проверки и истраги на обвинителството.
Предложена забрана за вршење функции
Обвинителството предложило на Никшиќ да му се забрани извршувањето на премиерската функција, а на Исак да му се забрани да ја врши функцијата министер за внатрешни работи на Федерацијата БиХ.
Предлогот опфаќа и забрана за извршување други службени и раководни функции во извршната власт на Федерацијата БиХ. Слични мерки се предложени и за дел од останатите обвинети.
За главната расправа обвинителството предложило сослушување на повеќе од 60 сведоци и изведување над 500 материјални докази.
Судот допрва треба да одлучи дали ќе го потврди обвинението. Обвинетите се сметаат за невини сè додека нивната вина не биде утврдена со правосилна судска пресуда.























