
Бугарските истражни органи се соочуваат со еден од најшокантните кривични случаи во поновата историја на земјата, откако во рок од само една недела беа пронајдени шест безживотни тела на две различни локации – Петрохан и врвот Околчица. Според првичните наоди, сите случаи можеби се дел од иста мрачна приказна, во која се испреплетуваат тешки насилни злосторства, затворена заедница со култни обележја и сомнежи за педофилија.
На денешната прес-конференција, заменик-претседателката на Софиското апелационо обвинителство, Наталија Николова, соопшти дека главната истражна верзија и за двата настани е убиство проследено со самоубиство, или самоубиство. Таа нагласи дека истрагата сè уште е во тек и дека не се исклучуваат и други сценарија.
Најновото откритие – телата на двајца возрасни мажи и едно 15-годишно момче – било направено во камп во близина на врвот Околчица, на околу 80 километри од планинска колиба кај Петрохан, каде претходно беа пронајдени уште три жртви. Директорот на Националната полиција, Захари Васков, изјави дека лицата пронајдени кај Околчица биле осомничени во претходното тројно убиство.
„Станува збор за злосторство без преседан, барем на територијата на Бугарија“, изјави Васков, посочувајќи дека истрелите, според досегашните докази, биле испукани во самото возило.
Телата биле пронајдени во кампер, регистриран на невладина организација која организира младински кампови, што дополнително ги засилува сомнежите за поширок контекст на настаните.
Обдукциите на трите тела пронајдени кај Околчица се во тек. Кај 15-годишното момче и кај 22-годишниот маж се констатирани тешки повреди на главата. Николова откри дека момчето било пронајдено во клечечка положба, со испреплетени прсти на двете раце – детал што ја засилува морбидноста на случајот. Во моментот на прес-конференцијата сè уште траела обдукцијата на третиот, 51-годишен маж.
И покрај тежината на настаните, обвинителството тврди дека нема траги кои укажуваат на борба. Истражителите утврдиле дека смртта настапила најмногу 24 часа пред откривањето на телата, кои биле оставени на отворено, при температури под нулата. За временската рамка кај Околчица, засега е прерано да се извлечат заклучоци.
Николова појасни дека истрагата во Петрохан започнала на 2 февруари, кога бил пријавен пожар во дворот на планинска колиба. По пристигнувањето на терен, службите затекнале три тела, по што областа била целосно блокирана. За време на увидот, истражителите заплениле и религиозна литература, што дополнително ги насочило сомнежите кон постоење на затворена, радикализирана заедница.























