УТРО.мк

Србија ја продлабочува воената соработка со Кина, Брисел предупредува за оддалечување од ЕУ

Србија ја продлабочува воената соработка со Кина, Брисел предупредува за оддалечување од ЕУ
Vero

Србија и Кина ја започнуваат првата заедничка воена обука „Мировник 2025“, што претставува нов чекор во нивната сè подлабока безбедносна соработка. Обуката ќе се одржи во покраината Хебеј во Кина во втората половина на јули, со учество на специјалните единици на двете армии. Србија, како кандидат за членство во Европската Унија, стана единствената земја во тој статус што реализира ваква обука со Народноослободителната армија на Кина.

Кинеското Министерство за одбрана истакна дека целта е зајакнување на борбените капацитети и продлабочување на соработката. Српското Министерство за одбрана, пак, сè уште не даде официјални детали за вежбата, бројот на учесници или нејзините цели.

Во Брисел оваа обука се гледа со загриженост. Европската Унија ја повика Србија да се усогласи со надворешната и безбедносната политика на Унијата. „Србија треба да се воздржи од дејствија што се спротивни на ставовите на ЕУ“, порача портпарол на ЕУ за Радио Слободна Европа.

Според геополитичкиот аналитичар Никола Луниќ, оваа обука ја поткопува ориентацијата на Србија кон ЕУ и ја доведува во прашање нејзината декларирана воена неутралност. „Станува збор за вежба, а не обука. Тоа испраќа јасна порака до Западот“, вели Луниќ.

Ова не е прва безбедносна соработка меѓу Белград и Пекинг. Досега Србија купи беспилотни летала CH-92A, CH-95 и противвоздушниот систем FK-3 од Кина, а има и долгогодишна полициска соработка, вклучувајќи заеднички патроли и технолошка поддршка.

Кина, пак, бара меѓународни партнери за безбедносна соработка и тестирање на свои сили надвор од територијата, велат експертите. Одбивањето на западните земји да соработуваат на воен план ја турка Пекинг кон партнери како Србија.

Истовремено, Србија ја продолжува и воената соработка со други земји – со Египет, САД и Националната гарда на Охајо, преку вежби за борба против тероризам и инженерска поддршка.

„За Кина ова е начин да се промовира како нова глобална сила. За Србија – дел од балансирањето меѓу Западот, Кина и Русија“, вели Вук Вуксановиќ од Белградскиот центар за безбедносна политика.

Соработката меѓу Србија и Кина се одвива во поширок контекст на „челично пријателство“, кое освен во безбедносниот сектор, опфаќа и силни економски и политички врски, како и заемна поддршка на меѓународната сцена, особено околу прашањето за Косово.

Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран