
Владата на Еди Рама и албанскиот амбасадор во Скопје засега не реагираат на барањето за јавно извинување, упатено по реакцијата на министерот за економија во македонската влада, кој остро се спротивстави на изјава што му се припишува на шефот на албанската дипломатија.
Контроверзата се разгоре откако министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, кој доаѓа од редовите на ВЛЕН, јавно реагираше на наводна комуникација во која албанскиот министер за надворешни работи Ферид Хоџа, според тврдењата, ги навредил Албанците од Македонија нарекувајќи ги „идиоти“. Станува збор за содржина која, како што се наведува, била споделена во групен разговор на апликацијата „Whatsapp“.
Во својата реакција, Дурмиши оцени дека станува збор за крајно неприфатлива и понижувачка реторика, која е во директна спротивност со дипломатските стандарди и етничкиот сензибилитет што треба да го почитува секој државен функционер. Тој посочи дека ваквиот настап отвора сериозни прашања за односот на официјална Тирана кон Албанците кои живеат надвор од границите на Албанија.
Дополнително, преку објава на социјалните мрежи, Дурмиши побара итно објаснување од албанските институции, оценувајќи дека ваквата комуникација е разочарувачка и недолична за претставник на една држава.
Тој во истата порака нагласи и дека, според него, Албанија има уставна обврска да се грижи за своите сонародници во дијаспората, вклучително и за Албанците во Македонија, кои ги опиша како интегрален дел од албанскиот национален корпус, а не како надворешен или спореден елемент во политичките проекти на регионот.























