
Претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ, објави став за последните геополитички случувања во врска со статусот на Гренланд на својот X профил, истакнувајќи ја важноста на соработката меѓу Соединетите Американски Држави и Европската унија.
„Сведочиме на спротивставени ставови на САД и земјите од ЕУ, особено по прашањето за Гренланд. Тоа е еден од најголемите предизвици со кои НАТО се соочи од своето основање, главно поради внатрешниот карактер на Алијансата“, пишува Милатовиќ.
Тој нагласува дека Црна Гора ја почитува одлуката на граѓаните на Гренланд да останат дел од Кралството Данска и дека како најнапреден кандидат за членство во Европската унија доследно ја усогласува својата надворешна политика со Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ.
„Во светло на последните настани, Црна Гора ја поддржува продолжената дискусија и наоѓањето одржливи решенија меѓу сојузниците во НАТО, со цел Арктикот да остане простор на стабилност и соработка“, додава Милатовиќ, нагласувајќи ја важноста на кредибилитетот и силата на Алијансата, чија полноправна членка е Црна Гора веќе скоро десет години.
Претседателот потсетува дека регионалната соработка останува темел на надворешната политика на Црна Гора, истакнувајќи ја важноста на добрососедските односи за стабилноста и просперитетот на државата.



























