Синоќа жителите на бугарскиот град Ловеч беа вознемирени откако забележаа мечка како се движи низ населено место. Животното прво било видено на градската обиколница, а потоа и на улицата „Стара Планина“, пренесуваат бугарските медиуми.
Сцената ја снимиле очевидци, кои веднаш ја алармирале полицијата. Со нејзина помош, мечката била истерана надвор од градот.
Властите апелираат до жителите да бидат максимално внимателни, да не се приближуваат до животното и доколку го забележат, веднаш да се јават на бројот за итни случаи 112.
Надлежните служби во Бугарија се веќе информирани за случајот и најавија состанок на кој ќе се разгледаат следните чекори – колку е опасна мечката, во кој правец се движи и какви мерки ќе се преземат за заштита на граѓаните.