„До вчера лежалките беа со пијалок, а денес ми наплатија 2,5 евра – никој не ми кажа ништо!“
Секое лето – иста приказна: лежалките на грчките плажи се тема број еден во Facebook групите, особено меѓу македонските и српските туристи. Годинава ситуацијата е уште похаотична – цените се менуваат буквално од ден во ден, а разликите од место до место се драстични.
Туристите најчесто споделуваат информации за Неа Пори, Паралија, Тасос, Лептокарија, Сарти и други популарни дестинации, каде до пред неколку дена лежалките беа бесплатни – сè што требаше е да нарачате пијалок.
Но, сè почесто се појавуваат коментари дека и тоа правило полека исчезнува.
„Пред некој ден одговорив на прашање во група дека лежалките се добиваат со пијалок, како и секогаш. Денес доаѓам – лежалка 2,5 евра плус пијалок!“, напиша револтирана туристка која летува на Тасос.
Под објавата следуваа стотици искуства:
– „Во Лименас сè уште е со пијалок, но мораш да стигнеш до 9 наутро“
– „Во Ставрос платив 4 евра за пијалак и добив лежалка за цел ден“
– „Во Полихроно најевтините беа 20 евра, и тоа без пијалок“
Сепак, има и добри вести. Според грчките прописи од минатата година, 70% од секоја плажа мора да остане слободна за јавноста. Тоа значи дека секогаш можете да си понесете пешкир, столица или сламарник и да се сместите бесплатно – само треба да знаете каде.
Анкета спроведена лани покажува дека 52% од луѓето претпочитаат токму оваа опција – свој сламарник наместо скапи лежалки.
Со оглед на ценовните изненадувања од годинава, сè повеќе туристи ќе се вратат на старото добро правило: прво прашај – па седни.