
Грчката влада планира значително зголемување на данокот при купување недвижности за државјани од земји кои не се членки на Европската Унија.
Според најавите, данокот би се зголемил од сегашните 3 отсто на дури 15 отсто, а новата стапка се очекува да почне да се применува од 1 јули 2027 година. Планот го објави грчкиот премиер Киријакос Мицотакис на Меѓународниот саем во Солун.
Мерката би се однесувала на трансакции на физички лица, а деталите за нејзината примена сè уште се усогласуваат.
Зголемувањето би претставувало значителен дополнителен трошок за странските купувачи. За недвижност вредна 300.000 евра, данокот при стапка од 3 отсто изнесува 9.000 евра, додека со новата стапка би достигнал 45.000 евра.
Кај имот од 500.000 евра, данокот би пораснал од 15.000 на 75.000 евра.
Од грчката влада очекуваат мерката да помогне во намалувањето на притисокот што странската побарувачка го врши врз цените на недвижностите и да придонесе за поголема достапност на домувањето за грчките граѓани.
Сепак, сè уште не е познато како би се применувале новите правила за државјани на трети земји кои имаат постојан престој во Грција, мешани семејства или случаи на заедничко купување недвижност.
Учесниците на пазарот предупредуваат дека остануваат отворени и прашањата околу ефектот на повисокиот данок врз цените на имотите. На пазарот и понатаму постои значителна понуда на непродадени недвижности, а како едно од можните решенија за зголемување на достапноста се посочува и изградбата на повеќе нови станови.
Претставници кои работат со странски купувачи оценуваат дека станува збор за значително зголемување на трошоците. Според дел од анализите, мерката може да биде мотивирана не само од односот кон програмата „Златна виза“, туку и од желбата на државата да ги зголеми даночните приходи во услови на постојан интерес од странски инвеститори.

















