Окружното обвинителство во Софија подигна обвинение против македонскиот лекар Ненад Цоневски за намерно сурово однесување кон животно, кривично дело предвидено со бугарскиот Кривичен законик, објавија бугарските медиуми.
Денес, во 16:30 часот, пред централниот влез на Воено-медицинската академија во Софија, ќе се одржи протест под слоганот „Правда за Маја“, чија цел е да се испрати порака против суровоста кон животните и да се побараат построги казни за вакви случаи.
Повод за протестот е инцидентот во кој Цоневски со својот автомобил прегази куче во софиската населба Разсадника. Животното, по име Маја, беше тешко повредено и подоцна евтаназирано.
Цоневски бил вработен во Воено-медицинската академија, но по инцидентот е привремено суспендиран од работа додека трае истрагата.
Според бугарските медиуми, докторот во меѓувреме се вратил во Македонија, во својот роден град Делчево. „Специјалистот по торакална хирургија, д-р Ненад Цоневски, кој беше снимен на 9 ноември како го прегазува кучето Маја со својот ‘Фолксваген Пасат’, се врати кај своите родители во Делчево, Македонија“, објави Телеграф.
Пред заминувањето, тој бил испрашан во полициска станица, по што бил ослободен.
Случајот предизвика огромен одѕив на социјалните мрежи и во јавноста. Петицијата со барање за целосна и непристрасна истрага собра повеќе од 220.000 потписи.
„Сакаме да испратиме јасна порака дека ваквите дејствија нема да се толерираат и дека мора да има реални последици за сторителите“, порачаа организаторите на протестот, цитирани од Бугарското национално радио.























