
Планирањето на летниот одмор е омилената викенд-активност во овој период од годината. Но, додека граѓаните сонуваат за плажа и море, интернет-измамниците работат со засилено темпо. Според најновите податоци од Grckainfo.com, во изминатиот период се регистрирани најмалку шест измамени семејства, со вкупна штета поголема од 2.000 евра.
Главен лик во новата серија измами е профил под името Тијана Михиќ. Се сомнева дека зад ова име стои истата личност, позната како Жаклина, која со години оперира на балканскиот интернет-простор.
Нејзиниот начин на работа е речиси идентичен во сите случаи:
– Нуди луксузни апартмани со фотографии украдени од Booking и Airbnb, по цени кои изгледаат „предобри за да бидат вистинити“
– Испраќа фотографии од лични карти кои се украдени или генерирани со помош на вештачка интелигенција, со цел да ја увери жртвата во својот идентитет
– Врши притисок за итна уплата, најчесто преку Western Union, на имиња на трети лица
Една од потенцијалните жртви за влакно избегнала измама за сместување во Неи Пори.
„Нешто ми беше сомнително. Постојано инсистираше на итна уплата. За среќа, не уплативме и подоцна сфативме дека станува збор за измама“, сведочи таа.
Апелот до граѓаните е јасен: доколку наидете на „идеална понуда“ на Фејсбук од непознат профил, застанете. Инсистирајте на видео повик за да го видите сопственикот и сместувањето во живо. Одбивањето е сериозно предупредување.
Не дозволувајте некој да ви ги украде и одморот и парите. Споделете ја информацијата со сите што планираат летување.



























