
Кристијан Шмит, висок претставник во Босна и Херцеговина, поднел оставка по речиси пет години на функцијата, потврдувајќи ја својата одлука пред Управниот комитет на Советот за спроведување на мирот. Тој побарал да се започне процедура за избор на негов наследник, додека самиот ќе остане на должноста до именувањето на нов претставник, пренесува сараевската телевизија Н1.
Одлуката доаѓа во чувствителен политички момент, додека Шмит престојува во Њујорк, каде што пред Советот за безбедност на ОН треба да поднесе редовен извештај за состојбата во БиХ. Во своите последни настапи, тој повторно укажа на растечките тензии во земјата, сецесионистичката реторика, институционалните блокади и, како што рече, обидите за поткопување на државниот поредок, директно посочувајќи ги властите во Република Српска и нејзиниот политички врв. Шмит нагласи и дека меѓународната заедница останува на страната на граѓаните на Босна и Херцеговина.
Реакциите од Бања Лука не изостанаа. Република Српска со месеци го оспорува легитимитетот на Шмит, тврдејќи дека не бил назначен согласно процедурите во Советот за безбедност на ОН и затоа бараше негово протерување од земјата. Лидерот на СНСД, Милорад Додик, кој одамна е во отворен политички судир со него, заминувањето на Шмит го претстави како доказ дека Република Српска останува „непокорлива и политички стабилна“.
Додик, кој викендов престојуваше во Москва по повод Денот на победата, по средбата со рускиот претседател Владимир Путин изрази очекување дека Русија на седницата на Советот за безбедност ќе бара поништување на сите одлуки што ги донел Шмит, оценувајќи ги како правно неважечки.
И Москва го дели ставот дека именувањето на Шмит не е валидно, бидејќи, според нив, не било потврдено од Советот за безбедност како кај неговите претходници.
Во меѓувреме, германскиот весник „Frankfurter Allgemeine Zeitung“ објави дека и САД подолго време размислувале за промена на Шмит, наводно барајќи пофлексибилна фигура на таа позиција. Според истиот извор, дополнителни геополитички интереси, вклучително и проекти поврзани со енергетска инфраструктура во БиХ, наводно влијаеле врз ваквите размислувања.
Самиот Додик остро реагираше на заминувањето на Шмит, оценувајќи дека неговиот мандат бил обележан со нелегитимност и политичка пристрасност. Во својата порака тој тврдеше дека германскиот дипломат дејствувал надвор од меѓународните процедури и дека неговото влијание било насочено против Република Српска.
Во завршната политичка порака, Додик повторно нагласи дека, и покрај сите обиди за негово делегитимирање, резултатот од мандатот на Шмит е спротивен на неговите намери, според него, уште една потврда за „непокорливоста на Република Српска“.
















