УТРО.мк

Кос: Западен Балкан мора да покаже силна посветеност на европскиот пат

Кос: Западен Балкан мора да покаже силна посветеност на европскиот пат
Vero

Еврокомесарката за проширување Марта Кос порача дека од земјите на Западен Балкан се очекува силна и јасна посветеност кон европскиот пат, нагласувајќи дека напредокот во процесот на проширување директно зависи од реформите што тие држави ќе ги спроведат.

Таа истакна дека проширувањето останува еден од клучните приоритети на Европската Унија, додавајќи дека за првпат по 17 години е активирана работна група за пристапување на нова држава, Црна Гора. Според неа, тоа е сигнал за обновена динамика во процесот, а резултатите од последните истражувања на јавното мислење, како „Евробарометар“, покажуваат висока поддршка на граѓаните во Црна Гора за членство во ЕУ.

Кос посочи и дека веќе постојат конкретни чекори во насока на постепена интеграција на регионот во европските структури. Како пример го наведе приклучувањето на Србија кон системот SEPA, истакнувајќи дека истиот чекор претходно го направиле и Албанија, Македонија и Црна Гора.

Во нејзиното обраќање беше нагласена и потребата од модернизација на пристапниот процес. Таа оцени дека актуелната методологија е застарена и дека не одговара на современите геополитички околности. Според неа, принципот на постепено приближување кон ЕУ треба да се прошири и на други области, вклучително и безбедносната политика, за што веќе се водат разговори со земјите членки.

„Живееме во време кое бара побрзи и пофлексибилни решенија. Ова не е мирен период и немаме луксуз на долги одложувања“, порача Кос, алудирајќи на потребата од забрзување на реформските процеси.

На крајот од своето обраќање, таа најави дека на 5 јуни во Подгорица ќе се одржи нов самит меѓу Европската Унија и земјите од Западен Балкан, кој се очекува да даде дополнителен импулс на европската интеграција на регионот.

MegaWin
MegaWin
Green Machines

Сподели го овој напис

MegaWin
MegaWin
Филигран