
Во Дрниш синоќа е убиен 19-годишен доставувач на храна, а хрватската полиција интензивно трага по 50-годишен осомничен кој по пукањето избегал од местото на злосторството.
Според информациите од Полициска управа Шибеник-Книн, трагичниот настан се случил околу 23:05 часот на тераса од семејна куќа во Дрниш.
Полицијата соопшти дека 50-годишниот К.А. со огнено оружје пукал во 19-годишен хрватски државјанин, кој починал на самото место.
Според информациите што ги објави „Јутарњи лист“, младиот човек бил доставувач на храна и во моментот на нападот му носел нарачка на осомничениот.
Засега не се познати мотивите за злосторството, а околностите под кои дошло до пукањето сè уште се предмет на истрага.
Во текот на ноќта на терен биле распоредени голем број полициски сили, додека потрагата по осомничениот продолжува.
Од полицијата потврдија дека 50-годишникот и претходно им бил познат на органите на редот. Против него во 2023 година била поднесена кривична пријава до Општинско државно обвинителство Шибеник за нелегално поседување, производство и набавка на оружје и експлозивни материи.
















