
Првата пациентка во светот која ќе започне третман со руска вакцина против рак е Јована Алексиќ од Србија, која се бори со меланом со метастази. Процесот на подготовка на персонализираната вакцина ќе започне наскоро, најдоцна во следните два месеци.
Информацијата ја потврди д-р Сергеј Бољевиќ, раководител на Одделот за патологија на Универзитетот Сеченовски во Москва. Тој објасни дека станува збор за терапевтски третман, а не за клиничко испитување, и дека вакцината се подготвува индивидуално за секој пациент во Институтот за епидемиологија и микробиологија „Гамалеја“.
„Одлуката првата пациентка да биде од Србија е донесена поради добрите односи меѓу нашите земји. Вакцината може да се применува кај различни видови рак, но засега руската влада се фокусира на меланоми и рак на белите дробови“, рече д-р Бољевиќ. Тој додаде дека вештачката интелигенција се користи при производството на вакцината, а резултатите од првите третмани ќе бидат презентирани на конференција во Сочи во април.
Терапијата ќе се состои од 10 дози, дадени на секои две недели, при што ефикасноста може да се оцени веќе по две или три дози. Првично, вакцината ќе се користи кај пациенти кои ги искористиле сите други методи на лечење без успех.























