
Одморот во Грција оваа година станува поскап по стапувањето на сила на новиот закон за изнајмување недвижности, кој започна да се применува од октомври 2025 година. Според проценките, цените за изнајмување апартмани веќе пораснале меѓу 10 и 20 проценти, што директно се чувствува кај туристите.
Законот воведува задолжителна сертификација за секој стан, како и низа нови даночни обврски. Трошоците за сертификација изнесуваат околу 600 евра по стан, а сопствениците плаќаат и туристичка такса и 15% месечен данок на приходот од закуп. „Кога ќе се соберат сите давачки, сопствениците често не заработуваат ниту половина од приходот“, вели Ана Павлица Мајоров, сопственичка на агенција за недвижности од Переја.
Дополнителен притисок врз пазарот создава ограничувањето според кое едно физичко лице може да издава најмногу два стана, додека оние што поседуваат повеќе треба да се регистрираат како компании, со повисоки административни и даночни обврски, особено за странски сопственици.
Покрај законските измени, растот на трошоците за одржување, енергенси и работна сила дополнително ги зголемува цените за туристите. Александар Сеничиќ, директор на Здружението на туристички организации на Србија, наведува дека пакетите за летување во Грција годинава ќе бидат поскапи за 10 до 12 проценти.























