Од денеска во Грција стапува во сила нов закон за безбедност во сообраќајот кој носи драстични казни за возачите. Парични казни до 8.000 евра, одземање на возачки дозволи, па дури и активирање на Кривичниот законик за опасно возење се само дел од мерките со цел намалување на сообраќајните несреќи.
Главните прекршоци што се таргетирани се: користење мобилен телефон додека се вози, пребрзо возење, неносење појас или кацига и возење под дејство на алкохол. Според Министерството за инфраструктура и транспорт, Грција има повисок број на смртни случаи во сообраќај од европскиот просек.
Клучни промени во казните:
• За користење мобилен телефон при возење: од 350 евра и одземање на дозволата на 30 дена при прво прекршување, па до 4.000 евра и 8 години без дозвола при трет прекршок со предизвикана несреќа.
• За неносење појас или кацига: казни за возачот и совозачот од 150 до 2.000 евра и одземање на возачка до една година.
• Возење под дејство на алкохол: казни од 350 евра до 4.000 евра и одземање на возачка од 30 дена до десет години, а затвор до пет години за опасно повторување.
• Надминување на дозволената брзина: за брзина над 200 км/ч, казни од 2.000 до 8.000 евра и одземање на возачката до четири години.
• Поминување на црвено светло или незастанување на СТОП: казни од 350 до 4.000 евра, со одземање на возачка до осум години при сериозни последици.
Министерот нагласува дека целта не е само да се казнува, туку да се спаси живот: „Возач кој ја загрозува безбедноста на другите, не заслужува да биде дел од сообраќајот“.
Од 1 јануари 2026 година ќе се воведат и нови ограничувања на брзината во зависност од населените места, со цел дополнително намалување на несреќите.
Ова е најстрогиот закон за сообраќај во Грција досега – возачите се предупредени!