
Пет грчки региони се ставени под црвен аларм поради претстојното невреме, со очекувани обилни дождови, локално интензивни снежни врнежи и силни ветрови, јави дописничката на МИА од Атина.
Министерството за климатски кризи и цивилна заштита одржа состанок на кој беа разгледани условите за региони Атика, Пелопонез, Тесалија, како и централна и северозападна Грција, и донесе одлука за вклучување на црвениот аларм.
Поради безбедноста на учениците и наставниот кадар, префектот на периферијата Атика, Никос Хардаљас, најави дека утре сите државни и приватни училишта во поширокиот регион на Атина ќе останат затворени, а наставата ќе се одржи онлајн. Одлуката е превентивна, со цел да се избегнат ризици при движењето кон и од училиштата, бидејќи се очекуваат интензивни врнежи од дожд во текот на денот.
Хардаљас посочи дека внимателно се следат „капацитетите и слабостите на старите инфраструктури“ и дека целта е да се обезбеди безбедноста на децата. „Се очекува особено интензивно невреме по 12 часот, со силни грмежи, ветрови и големи количества вода за кратко време. Наставата нема да се изгуби благодарение на онлајн формата, а со тоа го ограничуваме движењето во критичните часови,“ истакна тој.



























