
Грција засега има доволно нафтени резерви и стабилно снабдување со горива, но енергетските експерти предупредуваат дека состојбата може да се искомплицира доколку тензиите на Блискиот Исток и евентуалното нарушување на пловидбата низ Ормуската Теснина продолжат подолго време.
Висок функционер од секторот на рафинерии, во изјава за грчкиот весник „Катимерини“, оценува дека сегашните залихи обезбедуваат сигурност за приближно два месеци, но дека секое понатамошно нарушување на глобалните текови на нафта ќе го отежне снабдувањето и ќе ги зголеми трошоците за увоз на сурова нафта.
Грчкиот енергетски систем во моментов се потпира на четири рафинерии — две во поширокиот регион на Атина и по една во Солун и кај Коринт — кои се во сопственост на „HELLENiQ ENERGY“ и „Motor Oil“. Овие капацитети произведуваат повеќе нафтени деривати отколку што е домашната потрошувачка, поради што повеќе од половина од производството се извезува. Дополнително, земјата располага и со резерви што го надминуваат задолжителниот европски минимум од 90 дена.
И покрај оваа релативна стабилност, „Катимерини“ укажува дека долготрајна криза во регионот веќе создава притисок врз глобалната понуда на нафта. Тоа ги принудува рафинериите во Грција да бараат нови извори на сурова нафта, бидејќи традиционалните канали од Персискиот Залив се делумно заменети со алтернативни пазари.
Компанијата „Motor Oil“ успеала да ја компензира речиси целата загуба од ирачките испораки, кои пред конфликтот учествувале со над 70 проценти во нејзиниот увоз, и сега работи со целосен капацитет најмалку до мај. Во меѓувреме, рафинеријата се снабдува со сурова нафта од Либија, Северното Море и Египет, а во април за првпат пристигнал и товар американска нафта од типот WTI.
Слично, и „HELLENiQ ENERGY“ успеала да ги замени количините кои претходно доаѓале преку Ормуската Теснина, обезбедувајќи стабилно производство за следните два месеци.
Од грчката Влада, заменик-министерот за енергетика Никос Цафос порачува дека засега не постои ризик за снабдувањето. Тој истакнува дека Грција дури располага и со вишоци, особено дизел и авионско гориво, кои во голем дел се пласираат на странските пазари. Тоа, според него, претставува дополнителен безбедносен „тампон“ во услови на глобална неизвесност.























