
Грција воведува финансиски поттик за рибарите во обид да го намали бројот на зајачката риба (Lagocephalus sceleratus), инвазивен и отровен вид што со години предизвикува сериозни проблеми во Егејското Море.
Грчкото Министерство за земјоделство и храна соопшти дека рибарите ќе добиваат по 5,33 евра за секој килограм уловена зајачка риба. Надоместокот ќе им биде исплаќан директно, додека трошоците за ладење, транспорт и безбедно уништување на уловот ќе ги покриваат локалните власти.
Мерката е воведена по примерот на Кипар, каде што веќе неколку години се применува сличен систем на субвенционирање за улов на овој опасен вид.
Зајачката риба се смета за сериозна закана за морскиот екосистем. Поради високата токсичност не е погодна за исхрана, а нејзините силни заби редовно ги оштетуваат рибарските мрежи, јадиците и останатата опрема, предизвикувајќи значителни економски загуби.
Експертите предупредуваат дека поради зголемувањето на температурата на морето, видот сè побрзо се шири низ Медитеранот. Дополнителен проблем е што речиси нема природни непријатели, што овозможува неговата популација постојано да расте.
Пилот-програмата прво ќе се спроведува во јужниот дел на Егејското Море и околу островот Крит, каде што присуството на зајачката риба е најголемо. Овој инвазивен вид за првпат бил забележан во грчките води во 2005 година кај Родос и Крит, а во Медитеранот пристигнал преку Суецкиот Канал од Црвеното Море.

















