Земјоделските протести во Грција денес го достигнуваат својот врв и најдраматичен чин – со голем протестен собир закажан на пристаништето во Солун.
Стотици трактори, автобуси и моќна земјоделска механизација од претходно поставените пунктови веќе се движат кон главниот град на Егејска Македонија. Организаторите најавуваат „симболична опсада“ на пристаништето, планирајќи да го блокираат на неколку часа, испраќајќи јасна и гласна порака до Владата во Атина.
И покрај тензијата, според последните информации, граничните премини Евзони и Ники кон Македонија засега ќе останат отворени. Сепак, неизвесноста виси во воздухот: по завршувањето на собирот, на состанокот на земјоделците ќе се „крши копјето“ за тоа дали подоцна во текот на денот повторно ќе се активираат блокади на границите.
Додека Солун се подготвува за протестниот спектакл, блокадите продолжуваат низ цела Грција. Најголемиот удар е зададен во централниот дел на земјата: Автопатот Солун–Атина е целосно затворен кај Никеа, во близина на Лариса. Оваа клучна сообраќајница е парализирана, а возилата се пренасочуваат по алтернативни, мачни правци.
Земјоделскиот гнев, кој ескалираше на 30 ноември, е директна реакција на алармантно зголемените производствени трошоци, мизерните откупни цени и нерешените проблеми со европските земјоделски субвенции. Нивното ултимативно барање е јасно: итна исплата на сите заостанати субвенции.
Владата, од своја страна, соопшти дека е отворена за дијалог и повика да се формира делегација која ќе биде примена на средба на високо ниво.
Комитетот за национална координација на протестите најави нов, клучен состанок за сабота, на кој ќе се дефинираат следните, радикални чекори.



























