УТРО.мк

Грчките земјоделци ја „окупираа“ Синтагма со трактори – протестот продолжува без откажување од барањата

Грчките земјоделци ја „окупираа“ Синтагма со трактори – протестот продолжува без откажување од барањата
Vero

Со десетици трактори паркирани пред грчкиот Парламент на плоштадот Синтагма, земјоделците од цела Грција испратија јасна порака дека нема да се откажат од своите барања, оценувајќи дека нивните проблеми сè уште не се решени.


Тракторите утрово пристигнаа во центарот на Атина, каде ќе останат паркирани до следното утро, јави дописничката на МИА. Земјоделците се движеа низ централните улици, при што беа поздравени со аплауз од граѓаните и случајните минувачи кои им изразија поддршка. Според процените, пред Парламентот се собраа околу 50 трактори, а ниту дождот не ги обесхрабри демонстрантите.


Во протестот учествуваа земјоделци од повеќе региони – од островот Крит, кои во Атина пристигнаа со траект, како и од северна Грција и Пелопонез, кои дојдоа организирано со автомобили и автобуси. Тракторите беа транспортирани со камиони до патарините на влезот во Атина, по што во конвој, со полициска придружба, влегоа во центарот на градот.


Од централна Грција пристигнаа земјоделци од Кардица, Трикала и Лариса, како и од островот Евија и од места во близина на главниот град. Периферијата Атика постави и станица за превентивна дезинфекција на тракторите пред влезот во Атина, како мерка за заштита од болести кај овците и козите.


За време на протестот, претставници на земјоделците одржаа говори, а тракторите останаа паркирани пред Парламентот во текот на ноќта, по што е планирано организирано заминување од Атина.
Земјоделците изразија разочараност од владината политика и мерките, нагласувајќи дека нивните барања не се исполнети и дека Владата не ја препознала потребата од решенија за примарниот сектор. Тие истакнаа дека ќе продолжат со заедничката борба.


„Бескомпромисноста нема да помине. Имавме средби и на највисоко ниво, се сретнавме со премиерот, но наидовме на ѕид. Продолжуваат да ги убиваат животните, цената на производството е висока, ништо од ветеното не е исполнето“, изјави за МИА сточарот Вакис Циобанидис од областа Еврос.


Со сличен став е и земјоделецот Аристидис од Лариса, кој рече дека ниту еден од нивните проблеми не е решен и дека со сегашните трошоци за производство „не можат да преживеат“.


Ова не е прв ваков протест – слична акција земјоделците организираа и во февруари 2024 година, кога со повеќе од 150 трактори пристигнаа во Атина и ноќта ја поминаа пред Парламентот.

Dijamant Lotarija
Loto & Dzoker
Green Machines

Сподели го овој напис

Kalinka Lotarija
Dome Sladok Dome
Филигран