
Големи колони возила се создаваат на граничниот премин Евзони при излез од Грција кон Северна Македонија, известуваат патници кои во моментов се враќаат од летување.
Според објави на социјалните мрежи, времето на чекање за преминување на границата достигнува и до три часа, а возачите се соочуваат со долги колони пред граничните терминали.
„До море и три часа се полесни… но при враќањето дома, секоја минута трае како вечност“, пишува еден од патниците во објава на Фејсбук.
Гужвите на границата во последниот период го сменија правецот. Додека во изминатите месеци најголеми колони се создаваа при излез од Македонија и влез во Грција, сега засилениот туристички бран предизвикува поголем метеж при враќањето во земјава.
Патниците кои во следните часови планираат да се упатат кон Македонија се советуваат да имаат трпение и да го земат предвид можното подолго задржување на граничниот премин.
Се очекува интензитетот на сообраќајот да биде зголемен и во наредниот период, особено поради враќањето на голем број туристи од летните одмори.

















