Голем пожар на Тасос: Евакуации, паника меѓу туристите, уништени маслинови дрвја и пчелни колонии
Голем шумски пожар избувна синоќа околу 23 часот на грчкиот остров Тасос, во областа Гликади, во близина на пристанишниот град Лименас. Пожарот, кој беснее повеќе од шест часа, се прошири и кон областа Пахија, како и кон селото Рахони, јавуваат грчките медиуми.
Според порталот „Грција Инфо“, пожарот започнал во близина на пристаништето во Лименас и се шири со голема брзина, при што пламените јазици биле видливи дури и од Кавала. „Кавала Њуз“ известува дека се опожарени големи површини борови шуми, по кои островот е препознатлив, а огнот се движи кон запад.
Изгорени се бројни маслинови насади и пчелни колонии. Засега, станбени објекти не се директно загрозени, но како мерка на претпазливост, евакуиран е еден хотел во областа Пахија. Еден бар на плажата Гликади целосно изгорел.
Според локалните извештаи, пожарот предизвикал паника меѓу туристите, од кои многумина во раните утрински часови се упатиле кон пристаништето Лименас, обидувајќи се да го напуштат островот. Првиот утрински ферибот кон Керамоти заминал преполн со патници.
Поради затворање на патот Пахис–Лименас, се создадоа сообраќајни гужви. Возачите се пренасочуваат преку алтернативната рута: Лименарија – Потос – Потамија – Панагија.
Во обид да ја смири ситуацијата, градоначалникот на Тасос, Лефтерис Киријакидес, апелираше до јавноста да не шири паника. „Целиот Тасос е обединет во првите линии на борбата. Потребна е смиреност и координирана акција“, напиша тој на социјалните мрежи.
Првиот авион за гаснење пристигна на островот во 5:50 часот наутро, додека дополнителни противпожарни и полициски сили, како и волонтери, пристигнаа во Лименас во текот на денот. Напорите за локализирање на огнената стихија продолжуваат.