Турската полиција приведе 62 лица во координирана операција спроведена во 29 окрузи, по сомнение дека биле дел од организирана мрежа која преку интернет се претставувала како гатачи и медиуми, пренесе „Hürriyet Today“.
Според наводите, осомничените преку социјалните мрежи нуделе „пророштва“ и духовни услуги, при што ги искористувале верските и емоционалните чувства на граѓаните со цел измама и изнуда на пари.
При претресите биле запленети 2 ПОС-уреди, 62 мобилни телефони, 73 СИМ-картички, 2 ССД-уреди, 3 лаптоп-компјутери, 4 десктоп-компјутери, како и голем број документи и дигитални материјали.
Весникот „Sabah“ објави дека како жртви на оваа групацијата се идентификувани стотици луѓе кои плаќале за „гатање“ и „отстранување негативни влијанија“.
Гатањето е распространета практика во Турција, но властите редовно упатуваат предупредувања за можни измами. Во јули годинава беа истражувани и две популарни интернет-страници за гатачи, а нивниот основач беше уапсен поради слични обвиненија.























