
Грчката Влада денеска ги соопшти мерките за поддршка на земјоделците, по повеќедневните протести и блокади низ земјата. Вицепремиерот Костис Хаџидакис и надлежните министри информираа дека од вкупно 27 барања на земјоделците, 16 се веќе исполнети или позитивно третирани, четири се предмет на дополнително разгледување, додека седум не можат да се реализираат бидејќи се надвор од буџетската или европската рамка.
Меѓу клучните мерки се намалување на цената на електричната енергија на 8,5 центи за киловатчас до 2028 година, поврат на посебниот данок на потрошувачка на нафта, целосна покриеност на обесштетувањето при елементарни непогоди, како и воведување специјален баркод за следење на потеклото на земјоделските производи.
Хаџидакис истакна дека во 2025 година за поддршка на земјоделците биле исплатени 3,82 милијарди евра, што претставува зголемување од 13 проценти во однос на претходната година. Во однос на цената на струјата, земјоделците бараа 7 центи за киловатчас, додека Владата понуди 8,5 центи, што е пониско од претходно најавените 9,3 центи.
За нафтата, според најавите, земјоделците практично нема да го плаќаат посебниот данок, бидејќи преку специјална апликација на бензинските пумпи ќе ја плаќаат директно субвенционираната цена. Во насока на спречување продажба на увезени производи како домашни, ќе се воведе национален систем за следење „од нивата до рафтовите“, при што секој производ ќе има баркод со јасно наведено потекло.
Вицепремиерот ги повика земјоделците „да ја гледаат чашата полуполна“, нагласувајќи дека Владата останува отворена за дијалог. Земјоделските здруженија во попладневните часови треба да одржат состаноци на кои ќе одлучат дали ќе продолжат со најавената 48-часовна блокада низ цела Грција.



























